Колагенот е клучна компонента на коските, кожата, мускулите и другите делови од телото. Сепак, како што старееме нашето тело произведува помалку колаген. Притоа започнуваат да се јавуваат болки во зглобовите како и вкочанети тетиви и лигаменти. Кожата станува помалку еластична, а со тоа и поподложна на брчки.
Земањето додатоци на колаген може да помогне во олеснување на овие симптоми.
1.Подобрување на здравјето на кожата
Колагенот е главна компонента на нашата кожа. Тој игра улога во зајакнувањето на кожата, како и во еластичноста и хидратацијата. Како што старееме нашето тело произведува помалку колаген, што доведува до сува кожа и формирање на брчки.
Неколку студии покажаа дека колагенските пептиди или додатоците кои содржат колаген може да помогнат во забавување на стареењето на кожата со намалување на брчките и сувоста. Земањето 1-12 грама колаген дневно во период од 4-12 недели доведува до подобрување на еластичноста и хидратацијата на кожата.
2. Ублажување на болката во зглобовите
Како што старееме, количината на колаген во телото се намалува, а ризикот од заболувања на зглобовите како што е остеоартритисот се зголемува. Некои студии сугерираат дека додатоците на колаген помагаат во намалување на симптомите на остеоартритис како и во намалување на севкупните болки во зглобовите.
Студиите спроведени врз пациенти со остеоартритис покажаа дека земањето колаген доведува до значителни подобрувања при вкочанетоста на зглобовите.
3. Намалено губење на коскената маса
Како што старееме, коскената маса се намалува. Ова може да доведе до состојби како што е остеопорозата, која се карактеризира со ниска густина на коските и поголем ризик од фрактури.
Истражувањата сугерираат дека додатоците на колаген може да помогнат во инхибирање на распаѓањето на коските што доведува до остеопороза.
Во една 12-месечна студија на жени во постменопауза, некои земале додаток на калциум и витамин Д со 5 грама колаген, а други земале додаток на калциум и витамин Д без колаген дневно.
Оние кои земале додатоци на калциум, витамин Д и колаген имале значително пониски нивоа на протеини во крвта кои предизвикуваат распаѓање на коските и помала загуба на минерална густина на коските од оние кои земале само калциум и витамин Д.
4. Зголемување на мускулната маса
Како најзастапен протеин во телото, колагенот е важна компонента на скелетните мускули.
Во едно 12-неделно истражување, 26 постари мажи со саркопенија земале 15 грама колаген додека учествувале во програма за вежбање. Во споредба со мажите кои вежбале, но не земале колаген, тие добиле значително поголема мускулна маса и сила.