Омнибус

Саудиска Арабија го олеснува „режимот на алкохол“ за првпат по 70 години

Саудиска Арабија најави дека ќе отвори продавница во Ријад која ќе продава алкохол на избрана група немуслимански иселеници, што е прва таква продавница во повеќе од 70 години.



Клиентелата ќе биде ограничена на дипломатски персонал, кој со години увезува алкохол во запечатени официјални пакувања познати како дипломатски кеси. Саудиските власти рекоа дека овој потег ќе се спротивстави на „нелегалната трговија со алкохол“.

Забраната стана закон во 1952 година, откако еден од синовите на кралот Абдулазиз во пијана состојба убил британски дипломат.

Новата продавница ќе биде лоцирана во дипломатскиот кварт на Ријад западно од центарот на градот, пренесе Би-Би-Си. Извор запознаен со плановите изјавил дека продавницата треба да се отвори во следните неколку недели.

Сепак, ќе има ограничувања. Дипломатите кои ќе сакаат да купат алкохол ќе мора однапред да се регистрираат и да добијат одобрение од владата. Понатаму, никој помлад од 21 година нема да смее да влезе во продавницата и „потребна е соодветна облека“ за цело време додека се внатре. Клиентите ќе бидат ограничени на 240 алкохолни „поени“ месечно. Еден литар алкохол ќе вреди шест бода, еден литар вино три бода, а еден литар пиво еден бод.

Исто така, нема сугестија дека клиентелата ќе се прошири на „обичните“ странци во кралството без дипломатски привилегии, кои официјално немаат пристап до алкохол.

Потезите се најнови во серијата иницијативи познати како „Визија 2030“ за либерализација на саудиското општество под престолонаследникот и де факто владетел на земјата, Мохамед бин Салман.

Другите земји од Персискиот залив спроведуваат слични режими за алкохол.

Меѓутоа, ОАЕ и Катар исто така дозволуваат продажба на алкохол на немуслимани постари од 21 година во хотели, клубови и барови.

Во саудискиот документ нема сугестија дека тамошната влада размислува да го стори истото.

Иако алкохолот е забранет според исламот, Саудиска Арабија до 1952 година имаше помирувачки став кон негово присуство во кралството. Тоа се смени откако принцот Мишари бин Абдулазиз Ал-Сауд го застрела Сирил Оусман, британски заменик-конзул во Џеда во 1951 година затоа што одбил да му наточи уште еден пијалак на свеченост.

Една година подоцна, кралот Абдулазиз воведе целосна забрана за алкохол, а Мишари беше осуден за убиство.



Извор:  МИА
Објавена на 25.01.2024 09:34:57