Игор Џамбазов: Се што изгубив на коцка вратив со „Гол човек“

Специјално Божиќно издание на „Нешто конкретно“ со Игор Џамбазов. Зборуваме за тоа како се станува бренд, а кој би ни бил најсоодветен соговорник на оваа тема ако не еден од најголемите македонски брендови Игор Џамбазов.



Човекот на кого како награда од Господ му се падна да му биде дедо Петре Прличко, многу добро го познава секое населено место во Дојран, за себе ќе каже дека се уште се чувствува како да има 20 години иако не смета дека сега е привлечен за очи и уши. За него вистинскиот пријател е поважен во животот од се друго затоа што ако е вистински тој го имаш за цел живот, а љубовта час ја нема час ја има, ќе каже тој.

-Откако ме отпишаа од планинарството тежок сум 107 кг, рече Игор и отворено раскажуваше што се остана од големата љубов која ја опиша како филмска.

-Јас имав нешто што во книгите го нема, таква врста на наплив, на љубов, на среќа, на страст... и од сето тоа останаа пар фотографии, неколку поетични размислувања, една песна и спот, но сепак остана нешто, нашето беше баш како на филм - ние сме во најголема љубов ама нема да бидеме заедно.

Скромноста на Игор е негова силна страна, тој за себе смета дека е личност со најмалку хејтери во Македонија, „Кога можев да одам на одмор на Малдиви 4 месеца јас одев во Пехчево на рибник, а во Дојран можам да живеам со 500 денари на ден“, раскажа тој.

Најконструктивна критика во животот ја добива од својата мајка која му рекла: „Тоа што луѓето те познаваат на улица не значи дека си добар глумец“, критика која многу му помогнала во животот. Го послушал и советот на својот дедо да не се појавува во телевизиските проекти „Македонски приказни“, а неговиот татко ги избришал броевите на сите автори што не дошле на неговата промоција на книга.

Не штедеше зборови за карактерот, за животот, квалитетите и за делата на неговата колешка и пријателка Весна Петрушевска, а за книгата „Гол човек“ призна дека му ги вратила сите пари што ги изгубил на коцка.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 10.01.2024 13:28:51