Џорџ Клуни: Нема „таква дрога“ што ќе ме натера повторно да го глумам Бетмен

Џорџ Клуни изјави за „Entertainment Tonight” дека „нема таква дрога во светот“ што ќе го натера повторно да го глуми Бетмен. Американскиот актер повеќепати потсети дека неговата улога во филмот „Бетмен и Робин“ од 1997 година му била една од најголемите грешки во филмската кариера.



Џорџ Клуни се појави во епизодна улога и во годинешното остварување „The Flash”. За неговото појавување од неколку секунди во филмот, како што вели, сакал да го носи истиот Бетмен-костим од претходно (познат по гумените брадавици).

- Прашав „Каде ми се брадавиците?“ Ми рекоа „Може ли без гумените брадавици?“ А, јас велам „Тогаш, не е мојот Бетмен, нели?“, се шегува 62-годишниот актер.

„Бетмен и Робин“ има оценка од 3,8 / 10 на ИМДБ, една „Златна малина“ за најлоша споредна женска улога и неколку номинации за тие „анти-Оскари“. Од таа 1997 година, Бен Афлек е еден од актерите кои ја презедоа улогата на Бетмен, а Клуни призна дека во една прилика му порачал да не оди по неговите стапки.

- Всушност и разговарав со него за тоа. Му реков: „Немој да го правиш тоа“. Тоа го велам од моето искуство, откри Клуни, додавајќи дека Афлек (51), сепак завршил одлична работа.

Извор:  МИА
Објавена на 20.12.2023 15:27:55