4 знаци дека се заплеткавте во токсична работна средина

Вработените во една компанија може да се третираат како ценети работници или како ништо повеќе од ресурс со кој што треба да се управува. Велат дека секој е заменлив, но дали е навистина така?

Во здравите работни средина, одлуките се носат заеднички, со придонес од сите засегнати страни. Почитувањето на луѓето поттикнува чувство на тимска работа и поддршка и гарантира дека се земаат предвид сите перспективи.

Од друга страна, во токсичните работни средини нештата стојат поинаку.

1.Имаш мислење, но тоа е погрешно

Добрата комуникација меѓу вработените, како и меѓу вработените и претпоставените е од клучна важност за успешна работа и постигнување на одлични резулати. Првиот знак на токсична работна средина е начинот на кој што се комуницира во истата.

Често може да забележите:

      Агресивна комуникација – постоење на испади во комуникацијата, наметнување на доминантен став врз личноста со која се комуницира без разлика дали размислувањето е издржано или не

      Пасивно – агресивна комуникација - искажување на незадоволство без отворена комуникација, често оговарање, превртување со очи, сарказам во комуникацијата

      Пасивна комуникација - избегнување на секаков вид на конфликт или комуникација

Замислете ситуација во која сте запрашани што мислите за начинот на кој се третираат вработените во вашата компанија. Откако давате објективен одговор што се може да се подобри, добивате повратна реакција дека имате прогрешен став. Добивате право на глас, само да ви биде објаснето дека не сте во право. Или пак едноставно се обидувате да разрешите некој проблем кој засега повеќе сектори, но постојано наидувате на колеги кои ви велат дека тоа не е нивна работа.

2.За некого мајка, за друг маќеа

Имате ли чувство дека што и да направите во својата работна средина секогаш имате статус на своевиден вработен од втор ред?

Едноставен пример: вредно работите и се вложувате во својата работа, но изгледа што и да направите никако не можете да дојдете до посакуваната позиција, ниту пак до долгопосакуваното покачување на платата. Објаснувањето најчесто е дека нема буџет или пак дека ќе ви се посреќи наредниот пат. Сепак, постојано гледате како за некои луѓе по сè изгледа дека важат други правила.

Доколку се уште имате здраво резонирање, ваквата поставеност на нештата, треба да ве мотивира што поскоро да најдете друга работа. Но, ако веќе сте потпаднале под влијание, најверојатно и понатаму ќе останете таму каде што сте, незадоволни и обесправени.

3.Што работиш ти?!



Во работни средини каде што на долг рок владее незадоволство кај вработените започнува да се забележува специфичен вид на „касање“. Кога луѓето таложат фрустрации и не ги канализираат на правилен начин, започнуваат да ги проектираат овие фрустрации на своите колеги. Тоа може да бидат колеги од истиот тим или пак од друг сектор.

Наместо да работат во интерес на заедничката цел, луѓето ја деградираат туѓата работа, со цел да ја издигнат својата. Тогаш циничното и потценувачко „Што работиш ти?!” станува секојдневие.

Ваквиот токсичен начин на размислување создава поделби на „ние“ и „тие“, „добри“ и „лоши“, што го отежнува работниот процес, со оглед на тоа дека недостига основно почитување меѓу луѓето.

4.Повеќе немаш јасна визија за себе

Најлошата работа која што може да ви се случи во една токсична работна средина, е да поверувате во идејата дека за вас не постојат други опции освен она што веќе го имате. Вашата перцепција за себе се сведува на она што го добивате како одговор од средината. Па така, ако средината започнува да ви всадува идеја дека сте просечни или недоволно добри и дека компанијата во суштина ви прави услуга што ве вработила, лесно може да се заплеткате во пајаковата мрежа на погрешна самоперцепција.

На долг рок, ова поразително влијае врз вашата самодоверба и наместо да барате нови работни опции, започнувате да тапкате во место. Полека, но сигурно го губите критичкото мислење како за себе, така и за својата средина, што може да се манифестира на различни начини.

Некои луѓе повеќе не даваат отпор на било каков притисок, стануваат летаргични и работат колку да се каже дека работат. Оние кои по природа избегнуваат конфликти или имаат финансиски потешкотии, стануваат анксиозни и прифаќаат се што ќе им се понуди или ќе се побара од нив. Во третата категорија се вработени за кои токсичната работна средина е сосема нормална работа. Тие понекогаш може да влезат во конфликт со вас, доколку се пожалите дека нешто не е во ред, па дури и да ве обвинат дека вашето однесување е проблематично.

Се пронајдовте? Би додале уште минимум 5 точки?

Доколку се пронајдовте во повеќе од една од споменатите категории можеби е време повторно да ги разгледате своите опции за промена на работното место.

Велат дека никаде не е идеално, но во суштина тоа е само изговор и оправдание за да не излезете од комфорната зона. Доколку вашето секојдневие веќе одамна ви предизвикува незадоволство, време е за промени.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 11.12.2023 12:46:05