Оваа среда (22 ноември), со почеток од 19 часот, во Јавна соба, ќе се одржи деветтиот настан од Отворени предавања за отворени умови. Овој пат настанот е посветен на сите родители и насловен е „Моќта на позитивното родителство – како ментално силните родители создаваат среќни и независни деца“.
Тројца експерти во областа – Радмила Живановиќ, психолог-психотерапевт и комуниколог, Христина Стефановска, психолог и автор на литература за деца, и Бојана Стојменовиќ, психолог, која ќе биде во улога на модератор, преку дебата ќе ги поттикнат и повикаат родителите да дејствуваат во здравиот раст и развој на нивните деца.
Зборувајќи за клучни теми од книгите во издание на ТРИ посветени за помош на родителите – „Држете се до своите деца“ и „Митот за нормалното“ од Габор Мате, „Возрасни деца од емоционално незрели родители“ од Линдзи Гибсон, „Книга што посакувате да ја прочитале вашите родители“ од Филипа Пери и „Седумте духовни закони за успешно родителство“ од Дипак Чопра, преку нивните издржани, применети и докажани тези, ќе научиме што значи позитивно и свесно родителство, како да знаеме дали сме емоционално зрели луѓе и кои нешта треба да ги подобриме или да ги промениме кај себе како родители.
Овој настан, по повод Светскиот ден на децата одбележан на 20 ноември, е иницијатива на Издавачки центар ТРИ со цел едукација на родителите. Зашто само емоционално стабилни родители можат да создадат сигурна и стабилна иднина и да израснат среќни и независни деца.