Футурама

Дали може да се зачне бебе во Вселената?

Дали може да се зачне дете во Вселената? Тоа е прашањето на кое холандскиот истражувач и претприемач д-р Егберт Еделбрук се обидува да одговори со експериментирање со репродукција во Вселената. Тој е раководител на биотехнолошката компанија „SpaceBorn United”.



- На човештвото му треба „резервен план“. Ако сакате (човековиот, з.п.) вид да опстои, мора да бидете „мултипланетарен вид“, изјави Еделбрук за порталот „МИТ“.

Потрагата по иднината на човештвото, сепак, првично нема да вклучува водење љубов во Вселената. Наместо тоа, ќе се експериментира со „ин-витро“ оплодување во мини-лабораторија во ниската орбита на Земјата. Малата лабораторија со сперматозоидите и јајце-клетките во неа е со големина на кутија за чевли и е направена така што да издржи високо зрачење и послаба гравитација. Исто така, има ротациони способности и може да се движи со различни брзини за да „ја долови“ гравитацијата на Земјата, Месечината или Марс, според наводите. По околу пет или шест дена, кога ембрионот ќе достигне фаза наречена бластоцист, ќе биде криогенски замрзнат за патувањето назад на Земјата.

Истражувачите се особено сосредоточени на ефектите на нулта брзина врз ембрионите по влегувањето во орбитата на Земјата. Експериментот треба да почне во ноември следната 2024 година, а се спроведува во соработка со германската компанија „Atmos Space Cargo”. Тестовите прво ќе се вршат на глодари, па дури потоа, во случај на успешност - ќе се премине на тестирање на луѓе, пишува „New York Post”.

Извор:  МИА
Објавена на 21.11.2023 11:47:54