Футурама

Како времето поминато пред екранот влијае врз мозокот на децата?

Нова студија, во која беше направен преглед на истражувањата за невровизуелизација направени во текот на 23 години покажува дека времето кое децата го поминуваат во гледање телевизија или играње компјутерски игри може да има значителни и трајни ефекти врз нивната мозочна функција. Оваа студија ги истакнува како позитивните, така и негативните влијанија.



Истражувачите, иако ги признаваат овие ефекти, се воздржуваат од препорачување специфични ограничувања за времето кое се поминува пред екраните. Тие сугерираат дека креаторите на политиките треба да им помогнат на родителите во управувањето со дигиталниот ангажман на нивните деца преку одобрување програми кои поттикнуваат позитивен развој на мозокот.

Истражувањето објавено во рецензираното списание „Early Education and Development”, е анализа на 33 студии кои користат технологија за невровизуелизација за мерење на влијанието на дигиталната технологија врз мозокот на децата на возраст под 12. Во анализата се вклучени повеќе од 30.000 учесници.

Конкретно, истражувањето открива дека времето поминато пред екранот води до промени во предфронталниот кортекс на мозокот, кој е основа на извршните функции како што се работната меморија и способноста за планирање или флексибилно реагирање на ситуации. Исто така влијае и врз париеталниот лобус, кој ни помага да го обработиме допирот, притисокот, топлината, студот и болката; темпоралниот лобус, кој е важен за меморијата, слухот и јазикот; и окципиталниот лобус, кој ни помага да ги интерпретираме визуелните информации.

-Треба да се препознае и од страна на воспитувачите и од родителите дека когнитивниот развој на децата може да биде под влијание на нивните дигитални искуства, вели авторот на студијата, професор Хуи Ли.

Ограничувањето на нивното време пред екранот е ефективен, но конфронтирачки начин, па затоа треба да се се развијат и имплементираат поиновативни, пријателски и практични стратегии.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 20.11.2023 10:58:11