Омнибус

Кумановските села Пчиња, Ново Село и Умин Дол на радар на тур операторите

Сите сме свесни за тоа дека Македонија изобилува со природни убавини, богата историја, археологија и превкусна храна, факти кои се предуслов за развој на руралниот туризам. Но, и покрај тоа, понудата за рурален и агро туризам во државава е повеќе од оскудна и неинтегрирана.



Кумановските села Умин Дол, Ново Село и Пчиња се обидуваат со својата понуда да го намалат тој јаз и да понудат нешто ново на мапата на Македонија што ќе биде блиску до Скопје, но и до Коридорот 10 каде што поминуваат голем број на странци.

Селото Пчиња и Бислимската Клисура им се веќе добро познати на локалните посетители со прекрасните видици кои се пружаат над реката Пчиња, како и со можноста за качување на карпи, истражување на пештерите и прошетки по ридовите над реката и селото. Новооткриеното археолошко наоѓалиште на ранохристијанска базилика од 6 век е уште една содржина која би ги привлекла посетителите. Во селото забрзано се подготвуваат и сместувачки капацитети, со што би можело на туристите да им се понуди целосен аранжман.

Умин Дол и Ново Село се две споени села коишто се наоѓаат на полапат помеѓу Куманово и Скопје и коишто се погодни за привлекување како на посетителите од главниот град, така и на странци кои поминуваат по автопатот. Урбаниот шмек на широките улици и планската градба не ги оставаат рамнодушни посетителите, а по малку и ги збунуваат со чувството дека се наоѓаат на некој салаш во Војводина.

Она што ги обединува трите села е вело пакетата за офроуд велосипедизам во должина од 16 километри која поминува низ поле по црн колски пат и нуди прекрасни пејзажи и видици во сите периоди од годината. Уште нешто заедничко за трите села е вкусната локална храна која ја има во изобилие, срдечноста и гостопримливоста на локалното население, но и желбата на младите од овие три села здружено да настапат со заедничка понуда и на тој начин да помогнат за развојот на своите села.

Тур операторите од Македонија го забележаа овој развоен потенцијал на Пчиња, Ново Село и Умин Дол и организираа информативна тура за да се запознаат одлиску со понудата.



Ја посетија Бислимска Клисура и една стара традиционална куќа, потоа имаа можност да пробаат производи од локална месна индустрија во село Пчиња, но и пити и зелници од вредните и вешти раце на мештаните.

Информативната тура продолжи во Умин Дол и Ново Село со посета на стогодишна брвнара донесена од Лика, денешна Хрватска, и мал етно музеј којшто ги крие тајните на нашите предци и на крај, неизбежниот дел со локалнните „ѓаконии“ залиени со чаша домашно црвено вино.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 16.11.2023 11:24:38