Омнибус

„Тајната соба“ на Микеланџело се отвора за јавноста

Средновековна просторија за којашто се верува дека била и скривалиште на големиот ренесансен уметник Микеланџело, ќе биде отворена за јавноста на 15 ноември, објави вчера Музејот на капелите на Медичи, во Фиренца, Италија.



Старата „Тајна соба“ на Микеланџело се наоѓа во внатрешноста на музејот, а ѕидовите се украсени со скици од јаглен на човечки фигури коишто му се припишуваат на славниот сликар. Се вели дека уметникот се засолнил таму во 1530 година, криејќи се од папата Клемент Седми кого го навредил, но се претпоставува, и заплашен од одмаздата на семејството Медичи откако се вратиле од егзил, бидејќи тој ги предал и го поддржал бунтот против нив во Фиренца.

Малата просторија долга 10 метри, широка три метри и висока 2,5 метри, извесно време се користела и за складирање јаглен. Во поново време откриен е при реновирање во 1975 година. Се наоѓа под комплексот на монументалната базилика Сан Лоренцо.

Паоло дал Погето, тогашен директор на Музејот, многу од цртежите пронајдени на ѕидовите му ги припишува на Микеланџело, иако други го оспоруваат тоа.

-Воведовме ограничен број посетители и ограничено време, поради потребата од наизменични интервали на изложување на скиците на ЛЕД-светло со продолжено време за во темнина, велат од музејот.

Од месецов, мали групи од четири лица со водич ќе можат да ја посетуваат ќелијата, и тоа со престој до 15 минути. Влезниците ќе чинат 20 евра по лице, покрај 10-те евра што се наплаќаат за влез во главниот Музеј. До собата се пристапува преку тесни скалила, а бројот на посетители неделно ќе биде ограничен на 100 луѓе.

Извор:  МИА
Објавена на 01.11.2023 10:22:57