Футурама

Почина Ијан Вилмут, заслужен за клонирањето на овцата Доли

Британскиот научник Ијан Вилмут, чие истражување беше клучно за клонирањето на овцата Доли, почина на 79-годишна возраст. Научникот починал во неделата, неколку години откако му била дијагностицирана Паркинсонова болест, соопшти Универзитетот на Единбург, Шкотска, каде што работел.



Вилмут, заедно со Кит Кембел од Шкотскиот институт за истражувања со животни, стигнаа до светските насловни страници во 1996 година, откако ја создадоа Доли, првиот успешно клониран цицач од клетка на возрасна единка.

Доли, именувана по кантри-пејачката Доли Партон, беше клонирана со процедура наречена нуклеарен пренос на соматски клетки (СЦНТ). Создавањето на Доли, меѓу другото, предизвика жестоки морално-етички дискусии и страв од клонирање или создавање „генетски копии“ на живи или мртви луѓе, па водечките научници ја отфрлија таа можност како премногу опасна.

„Тој работеше на развој на клонирање и пренос на клетки, техники коишто може да се користат за создавање генетски модифицирани овци. Тие напори доведоа до Меган и Моранг во 1995 година и Доли во 1996 година“, велат од Универзитетот.

Вилмут, роден во селото Хемптон Луси близу градот Стратфорд-апон-Ејвон, Англија, се школувал на Универзитетот на Нотингем. Студирал прво Земјоделство, а потоа и Зоологија. Во Универзитетот на Единбург работи од 2005., бил прогласен за витез во 2008., а се пензионирал во 2012 година. си/

Фото: Објава на Универзитетот на Единбург, фотоисечок

Извор:  MIA
Објавена на 12.09.2023 10:18:52