Футурама

Сина супермесечина ќе го осветли небото во среда

На небото вo среда ќе може да се види тн. сина супермесечина. Оваа појава се случува кога целиот диск на Месечината е осветлен и кога таа е најблиску до Земјата, во истовреме.



Тоа, сепак, не значи дека нашиот природен сателит ќе биде син по боја, туку тој назив го означува второто појавување на полна месечина во еден месец. Имено, првата полна месечина овој месец се случи на 1 август, а втората - задутре. Зенитот е во 8:46 часот наутро по македонско време, но појавата може да се види од секаде на планетава ако небото е чисто. Околу 25 отсто од полните месечини се супермесечини, но само три отсто се сини месечини, според НАСА, што е релативно ретка појава.

Заедно со сината супермесечина, вo среда на небото ќе биде видлив и Сатурн.

Супермесечината е околу 16 насто посветла од вообичаената појава на Месечина, а изгледа и поголема од просечната полна месечина. Супермесечината на 30 август ќе изгледа уште поблиску до Земјата отколку полната месечина на почетокот на август. Последната од четирите супермесечини за оваа година ќе биде тн. „Месечината на жетвата“ на 28 септември.

Следната сина Месечина е предвидена за мај 2026 година, а наредната ќе може да се види во 2037 во јануари и март.

Извор:  МИА
Објавена на 29.08.2023 11:53:14