Футурама

НАСА објави снимка од лет на хеликоптерот „Ingenuity” на Марс

Хеликоптерот „Ingenuity” изврши уште еден пробен лет и слетување на Марс, а сѐ тоа го сними роверот „Perseverance”. Беспилотното летало досега заврши повеќе од 50 летови иако се очекуваа најмногу пет лета.


-Клучна цел на мисијата „Perseverance” на Марс е астробиологијата, вклучително и потрагата по знаци на микробиолошки живот во минатото, соопшти НАСА.

Густината на атмосферата на Марс е само еден отсто од онаа на Земјата, што им отежнува на леталата да го направат потребното подигнување за летот. Сепак, експерименталниот хеликоптер „Ingenuity” на американската вселенска агенција НАСА е дизајниран да се крева користејќи ги своите ротори во такви уникатни услови.

Инаку, цел на истражувањата се карпите и почвата на Марс, коишто бараат „тела, супстанции и / или примероци за чие потекло е потребен биолошки агенс“. Роверот „Perseverance” неодамна го сними 54-от лет на својот хеликоптер, којшто се случил на почетокот на август. Откако кај „Ingenuity” се појави аномалија, НАСА го направи овој тест за да се увери дека системот за навигација сè уште работи без проблеми, а резултатот е позитивен.

На видеото се гледа како „Ingenuity” ги стартува своите ротори и полетува, а потоа лебди на висина од околу пет метри над површината, пред да слета. „Perseverance” го сними тој тест од далечина од 55 метри.

Извор:  МИА
Објавена на 21.08.2023 15:54:23