Омнибус

Амстердам ги забрани бродовите за крстарење во градот

Градскиот совет на Амстердам донесе одлука да ги забрани бродовите за крстарење во центарот на главниот град во Холандија. Тоа значи дека средишното пристаниште за крстарење на реката Иј, близу Централната железничка станица во Амстердам, ќе се затвори. Градските власти тврдат дека бродовите за крстарење не се во согласност ни со стремежите за еколошката одржливост во градот.



-Бродовите за крстарење што ја загадуваат животната средина не се во согласност со амбициите за одржливост на нашиот град, се вели во соопштението

Со ова, се надеваат, ќе се ограничи и бројот на посетители, па и така ќе се намали загадувањето. Градот уште во март почна со интернет-кампања каде што ги повика младите Британци кои размислуваат за ергенска забава во Амстердам - да престанат да доаѓаат.

Бродовите за крстарење станаа главен симбол на проблемот со прекумерниот туризам во холандската престолнина, а предлогот во Советот за преместување на пловилата помина со големо мнозинство при гласањето. Амстердам стана жртва на сопствената популарност. Околу 20 милиони посетители годишно доаѓаат во градот, надалеку познат како град на забавата.

Извор:  МИА
Објавена на 21.07.2023 13:51:35