Принцот Хари ја критикуваше „штетната“ гласина дека Џејмс Хјуит е неговиот вистински татко

Принцот Хари на суд изјави дека британските таблоидни новинари сакале да докажат дека неговиот татко е Џејмс Хјуит за да може да биде „избркан“ од кралското семејство.



Хари стана првиот висок функционер на кралското семејство кој сведочеше и беше сослушан на отворен суд во повеќе од 130 години.

Како дел од својата изјава, Хари зборуваше за десетици написи и информации за кои верува дека весниците на Mirror Group (MGN) ги добиле со нелегални средства, вклучително и хакирање на говорна пошта.

Еден од нив беше и написот објавен во 2002 година во Sunday People со наслов: „Заговор за ограбување на ДНК-та на Хари“.

-Бројни весници објавија гласина дека мојот биолошки татко е Џејмс Хјуит, човек со кој мајка ми имаше врска откако се родив. Во времето на овој напис и други слични на него, всушност не бев свесен дека мајка ми го запознала мајорот Хјуит дури откако се родив. Оваа временска рамка е нешто за што дознав дури во 2014 година, иако сега разбирам дека тоа беше општо познато меѓу новинарите

-Во тоа време, кога имав 18 години и ја изгубив мајка ми само шест години претходно, приказните како оваа ми се чинеа многу штетни и многу реални. Тие беа навредливи, злобни и сурови. Секогаш се обидував да ги преиспитувам мотивите зад приказните. Дали весниците сакаа да стават сомнеж во главите на јавноста за да бидам исфрлен од кралското семејство?

Хари објасни дека всушност му била доделена „улога“ од весниците.

-Моето искуство како член на кралското семејство покажува дека секој од нас добива одредена улога од таблоидниот печат. Почнувате како празно платно додека тие откриваат каква личност сте и какви проблеми и искушенија може да имате. Потоа почнуваат да ве придвижуваат кон играње на улогата или улогите што најмногу им одговараат и кои продаваат што е можно повеќе весници, особено ако сте „резервниот“ на „наследникот“. Тогаш си или „плејбој принцот“, „неуспешниот“, „отпуштениот“ или, во мојот случај, „дебелиот“, „измамникот“, „малолетниот алкохоличар“, „неодговорниот дрогирач“ списокот продолжува

Сведочењето на принцот Хари беше објавено откако тој пристигна во Високиот суд во вторникот наутро.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 07.06.2023 11:55:03