Тина Тарнер: Жената која му покажа на светот дека е во ред да се стремиш кон успех под сопствени услови

Светот тагува откако легендарната Тина Тарнер, вчера почина на 83-годишна возраст, во својот дом во Цирих, Швајцарија.

Препознатлива по нејзините високи потпетици и мини здолништа, моќна сценска појава и уште помоќен глас, Тина Тарнер, беше неприкосновена кралица на рокенролот.

Ќе остане запаметена како една од најпродаваните пејачки на сите времиња, со рекордни продажби од над 100 милиони кои ја претворија во глобална музичка икона.

Жената која го маѓепса светот имаше живот исполнет со неверојатни контрасти: огромна слава наспроти брутални години што ги помина во брак со Ајк Тарнер, кој прво го смени нејзиното име, потоа ја направи ѕвезда, по што следеше циклус на долгогодишно малтретирање проследено со физичко насилство, контрола и понижување.

По разводот во 1978-ма, Тарнер започна со соло кариера која за кратко ја направи мега популарна, па остави свој автентичен печат на музичкото небо со неповторливите хитови како „What's Love Got to Do with It”, „Private Dancer“, „ Better Be Good to Me “ и „The Best“.



Во своите мемоари од 2018-та година „Моја љубовна приказна“ откри детали за многуте здравствени предизвици кои ги имаше низ годините. Во 2013-та година, три недели по нејзината венчавка со Ервин Бах, доживеа мозочен удар и мораше повторно да научи да оди.

Во 2016-та година и беше дијагностициран рак на цревата. Пејачката се одлучи за хомеопатски лекови за нејзиниот висок крвен притисок што резултираше со оштетување на бубрезите.

Шест недели пред својата смрт, пејачката зема учество во колумната „Прашања и одговори“ на Guardian, во која зборуваше за својот живот.

Запрашана да наведе особина која не и се допаѓа кај другите луѓе, Тарнер одговори: Многупати луѓето се обидуваа да носат одлуки наместо мене. Претпоставката дека тоа ми е потребно беше голема грешка.

Нејзиниот најтрогателен коментар, несомнено е на прашањето како сака да биде запаметена.

-Како кралица на рокенролот! Како жена која им покажа на другите жени дека е во ред да се стремат кон успех според сопствените услови.

Денес, ден по нејзината смрт, социјалните мрежи се преполни со илјадници коментари во кои обожавателите се збогуваат со музичката легенда.

Меѓу нив се и нејзините колеги од светот на музиката. 

     Тажен сум поради смртта на мојата прекрасна пријателка Тина Тарнер. Таа беше навистина енормно талентиран изведувач и пејачка. Таа беше инспиративна, топла, смешна и дарежлива. Таа ми помогна толку многу кога бев млад и никогаш нема да ја заборавам
                                                                                                 Мик Џегер

     Вознемирен сум, каква жена! Пријател и ментор - „Потребни се двајца“ - но имаше само една Тина Тарнер“                                                                                                                       Род Стујарт

     Како да се збогуваме со жена која ја поседуваше својата болка и траума и ги користеше како средство за да помогне да се промени светот? Преку нејзината храброст да ја раскаже нејзината приказна, нејзината посветеност да остане на патот во нејзиниот живот, без разлика на жртвата, и нејзината решеност да создаде простор во рокенролот за себе и за другите што личат на неа, Тина Тарнер им покажа на другите кои живеат во страв како треба да изгледа убава иднина исполнета со љубов, сочувство и слобода. 
                                                                                           Анџела Басет

     Изгубивме еден од највозбудливите и најелектрични изведувачи во светот. Целосна легенда на плоча и на сцената. Таа беше недопирлива. Сочувство до Ервин и нејзиното семејство. Најтажната вест. 
                                                                                               Елтон Џон

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 25.05.2023 10:54:55