18 години затвор за возачот кој на пешачки усмрти 11-годишно девојче

Велешанецот Ангелче Николов, кој на 17 декември минатата година на пешачки удри 11-годишно девојче кое почина на самото место, денеска во Основниот суд Велес доби единствена казна од 18 години.



Судијката Габриела Гајдова, која го водеше процесот, појасни дека судот смета дека осудениот може да го повтори делото поради што му ја продолжи мерката притвор се до спроведување на казната затвор, во која му се засметува времето поминато во притвор.

Николов на 17 декември во 22:10 часот со голема брзина од 68 километри на час во алкохолизирана состојба ја удри на пешачки 11-годишната Магдалена, а нејзината мајка тешко ја повреди. Воедно 30-годишниот Николов, не застанал да им укаже помош туку побегнал со голема брзина и два дена се криеше од полицијата по што самиот се пријави.

Инаку полицијата на местото на настанот ги најде веднаш табличките од возилото што беше олеснителна околност на полицијата да трага по сторителот.

Судијката Габриела Гајдова денеска изрекувајќи ја казната потенцира дека иако на првото рочиште Николов ја призна вината во текот на целата истражна постапка, тој не искажал вистинско каење и жалење за загубениот живот на 11 годишното девојче Магдалена која беше единица на семејството на Емилија и Жарко Иванови, кои скршени од болка и денеска не беа во Основниот суд Велес.

Гајдова рече дека Ангелче Николов е виновен бидејќи на 17 декември во 22:10 часот управувајќи возило „Мерцедес“ со регистарски ознаки VE 59-90 AД откако претходно попладнето во повеќе угостителски објекти консумирал повеќе чаши различни видови пијалоци по што се довел во алкохолиизрана состојба, по што започнал да го управува возилото иако бил под дејство на алкохол. Тој на пешачки премин кај ООУ „Васил Главинов“ не постапувал согласно знаците, не запрел на пешачкиот премин и не им обрнал внимание на пешаците кои биле на коловозот, со голема брзина ги удрил и побегнал без да им укаже потребна помош.

-За првото кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ по член 300 став 2 во врска со врска со член 297 став 1 од Кривичниот Закон му се утврди казна од 17,6 години и за кривичното дело „не укажување помош на лице повредено во сообраќајна несреќа“ по член 301 став 1 од Кривичниот Закон му се утврдува казна во траење од една година, а за двете кривични дела му се утврдува единствена казна во траење од 18 години во која му се засметува и времето поминато во притвор, сметано од 19 декември 2022, соопшти судијката Габриела Гајдова

Како што појасни судијката Габриела Гајдова при одмерување на казната судот во смисла на член 39 во конкретниот случај ги ценел како отежнителните така и олеснителните околности за обвинетиот Ангелче Николов.

-Како отежнителни околности за Ангелче Николов судот ги зема во предвид степенот на казнената одговорност на обвинетиот и тоа неговата умисла како повисок степен на вина и неговата свест за противправноста на дејствието. Судот ја зема во предвид и повредата на заштитеното добро, односно фактот дека во конкретниот случај е повредено едно од најсилните права на човекот, а тоа е правото на живот во конкретниот случај на 11 годишно дете. Судот имаше предвид и последиците, предизвикани кај оштетените родители од кривичните дела коишто ги сторил обвинетиот, особено фактот што се работи за нивно единствено дете, единец на оштетените. Судот го ценеше однесувањето на обвинетиот по извршувањето на кривичното дело, односно неговите ставови кон последиците на делото и по казнената постапка изразени низ неговите превземени дејствија, појасни судијката Гајдова.

Таа посочи дека осудениот по сторување на кривичното дело безобзирно го напуштил местото на настанот, воопшто не се обидел да ги отстрани или поправи штетните последици предизвикани со неговите дејствија. Се однесувал игнорантски и кај него отсуствувал позитивен став кон она што го сторил. Се криел повеќе од 30 часа, не се заинтересирал што се случило со оштетените Емилија и Магдалена и дали на оштетената Емилија после настанот и е потребна било каква помош.

Судијката, исто така, потенцира дека неговото самопријавување по истекот на 30 часа, судот воопшто не го цени како олеснителна околност. Таа појасни дека судот го зема во обзир што осудениот порано во два наврати е осудуван за сообраќаен прекршок, му била изрекувана забрана за управување со моторно возило еднаш од 1 година и вторпат од 3 месеци, што како што истакна судијката Гајдова се работи за лице кое има ниска сообраќајна култура, не ги почитува сообраќајните прописи и изрекувањето на санкции не влијаеле на неговото превоспитување.

Гајдова појасни дека даденото признание на вина на обвинетиот во текот на кривичната постапка судот го зема во обзир, но само како олеснителна како придонес во завршување на постапката,

-Не го зема како олеснитена околност во смисла на негов позитивен став кон стореното кривично дело од причина што судот не се стекна со впечаток дека кај обвинетиот постои искрено жалење и каење за стореното. Како олеснителна околност судот има во предвид дека обвинетиот десега е неосудуван, рече таа.

Адвокатот на семејството на загинатото девојче, Јанаки Митровски за новинарите кажа дека е задоволен од пресудата.

-Од кривино-правен аспект сум задоволен како адвокат и позитивно изненаден од одлуката. Не очекував ваква висока санкција, затоа што казната што лично сум ја видел досега за смрт од сообраќајка е едвај двоцифрена. Овој судски состав и претходно позитивно ме изненадувал, така што сум задоволен од кривично-правната санкција како адвокат, човек и како пријател на семејството. Сатисфакција нема. Меѓутоа она што го кажа и претседателот на совет ми се допадна, а и јас што апелирав во моите завршни зборови, судот препозна дека искрено каење кај обвинетиот нема, а и сите сте сведоци, дека немаше каење во гласот па немаше и по некоја солза. Особено отежнителните околности дека по несреќата ги остави и побегна доведоа до така висока санкција, смета адвокатот Митровски.

Тој на новинарско прашање , рече дека денеска до ОЈО поднел кривична пријава и против трите лица кои вечерта на несреќата биле во автомобилот на Ангелче Николов како и за жителот на Превалец кој два дена го криел Николов од полицијата. Тој појасни дека има сведок кој кажува дека тие се вратиле на лице место на настанот и прашувале за девојчето.

Извор:  МИА
Објавена на 17.03.2023 15:57:14