Омнибус

Јапонија нуди пари за иселување од Токио

Јапонија е подготвена да им плаќа на семејства со деца кои имаат намера да се иселат од пренаселениот град Токио, според новата програма којашто нуди милион јени (околу 7.110 евра) по дете за помош.



Властите им плаќаат на луѓето поради загриженоста дека населението и стопанството на земјата стануваат премногу концентрирани во главниот град. Бројките покажуваат дека 28 отсто од Јапонците (или 35 милиони луѓе) живеат во Токио и околните области. Жителите кои живеат во 23-те делови на Токио, како и оние од околните општини, ќе можат да се пријават за пари за преселба.

Парите се исплаќаат на семејствата кои имаат деца под 18 години, под услов тие веќе да одат во средно училиште.

Ова не е прв пат земјата да се обиде да ги натера жителите да го напуштат главниот град, но досега тоа не беше со голем успех.

Заедно со загриженоста за економијата, јапонските власти укажуваат и на ублажувањето на опасноста по земјотрес. Во 2019 година, јапонската Агенција за истражувања на земјотреси соопшти дека има 47 отсто шанси Токио да биде погоден од земјотрес следните 30 години.

Во октомври минатата година, земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала го погоди Токио, предизвикувајќи нишање на зградите, прекин на јавниот превоз и спорадични прекини на електричната енергија. За среќа, немаше жртви. Земјотресите не се невообичаени во Јапонија бидејќи земјата се наоѓа на тихоокеанскиот „Огнен прстен“ – една од сеизмички најактивните области во светот.

Извор:  МИА
Објавена на 09.01.2023 10:38:19