Нејмар се повреди на мечот со Србија, плачеше и куцаше на патот кон соблекувалната

Напаѓачот на Бразил, Нејмар, поради повреда не можеше да го заврши синоќешниот натпревар од Светското првенство во 2022 година против Србија (2:0).



Триесетгодишниот Бразилец беше заменет во 79. минута од средбата по сударот со српскиот дефанзивец Никола Миленковиќ. Тој беше заменет од Ентони поради проблеми со десниот зглоб.

На теренот играчот на ПСЖ не можеше да ги задржи солзите и веднаш ги соблече копачките за лекарите да му ја прегледаат ногата.

Подоцна на интернет се појави снимка на која Нејмар се упатува кон соблекувалната на бразилската репрезентација, куцајќи силно на десната нога.

Бразилскиот лекар рече дека е рано е да се знае дали и кога Нејмар ќе се врати на теренот. – Има исчашување, ногата веќе му е отечена. Треба да почекаме и да видиме каква ќе биде реакцијата. Треба да бидете трпеливи и смирени, изјави Родриго Ласмар, докторот на бразилската репрезентација.

Извор:  МИА
Објавена на 25.11.2022 11:21:54