Mанекенките од „Црнокрак“ меѓу најубавите на светските избори за мис

Катарина Јовановска, Мија Стерјовска и Ива Пеева од модното студио „Црнокрак“ летово освоија титули на изборот за мис топ-модел, што се одржа во Либан. Секоја од нив има поинакво искуство од изборот, но трите велат дека не очекувале да освојат титула и затоа се пресреќни. Во Либан беа повеќе од три недели, време во кое се запознаа со локалната култура, се прошетаа во неколку градови, јадеа локални специјалитети и се дружеа со уште четириесет девојки од целиот свет.



-Кога одиш на избор на убавина, најважно е да си приземен, да знаеш дека можеш да освоиш титула, ама да не покажуваш его и нарцисоидност. Таму не можам да мислам дека сум подобра од другите зашто сите девојки се убави и сите сме заедно во истиот брод, вели за „Репортер“ Катарина, која беше избрана за мис елеганција. По професија е правник. Вели отсекогаш сакала да биде адвокат, а убавината никогаш не ѝ пречела во тоа, иако кај нас и денес знаат да кажат дека убавите девојки не може и да се паметни.

Мија е ученичка во гимназијата „Јосип Броз-Тито“. На почетокот на годината таа стана втора придружничка на мис Европа, а овој пат влезе во десетте најубави девојки на изборот. Долго пред да ја засака модата тренирала кикбокс. Учествувала на многу домашни и европски првенства, па сега дома има награди и од изборите за убавина и од спортските натпревари.

-Кога почнав да се занимавам со манекенство, мислев дека ќе мора да се откажам од кикбоксот, но сфатив дека можам да им се посветам и на двете работи зашто еднакво ме исполнуваат. А моите блиски се гордеат на успесите што ги постигнувам на двете полиња“, ни изјави Мија.

И Ива е средношколка од гимназијата „Орце Николов“. Изборот за мис во Либан е првиот на кој учествувала, а ја освои наградата „Мис тин“. Вели, бидејќи била најмала од сите учеснички, другите девојки ја чувале и најмногу се грижеле за неа.

-Си бевме поддршка една на друга, се дружевме, си поминавме супер. Пред да излезам првиот пат на сцената имав голема трема, мислев ќе се сопнам со штиклите и ќе паднам, ама тоа не се случи. Искрено, пресреќна сум што освоив круна, па повремено си ја ставам на главата и се гледам, искрена е Ива.

За изборите на убавина на кои учествувале, модното студио „Црнокрак“, колку им се важни титулите, за поддршката од околината и за љубомората, гледајте го видеото.

Извор:  МИА
Објавена на 03.10.2022 10:59:22