Што се случува со кожата при изгореници од сонце?

Што е тоа што изгорениците од сонце ги прави опасни, што предизвикува пликови и лупење на кожата и слично?

1) Кожата ги апсорбира ултравиолетовите зраци

Кожата ги апсорбира UV зраците и ги конвертира во топлина, а за тој процес е одговорен меланинот, молекулот кој ја овозможува пигментацијата на кожата. Кога кожата е изложена на UV зраци, меланинот се дистрибуира под неа за да го спречи потенцијалното оштетување на ткивата. Колку кожата е побледа, толку повеќе се оштетува кога е експонирана на сонце.

2) Силно се активира имунолошкиот систем

Кога телото ќе препознае дека кожните клетки се во опасност, силно се активира имунолошкиот систем, носејќи инфламаторни клетки во областа која треба да се поправи од изгореницата. Овој имунолошки одговор е причината за болката и чувствителноста на кожата која оди „во пакет“ со изгорениците. Имунолошката реакција помага да се уништат дел од оштетените клетки кои имаат потенцијал да станат канцерогени.

3) Надворешниот дел од кожата веднаш се оштетува

При експонирањето на UV зраците, ДНК клетките во надворешниот слој на кожата (епидермисот), веднаш се оштетуваат. Потоа, базалните клетки создаваат меланин за дополнителна заштита, за време на создавањето на изгорениците, но и потоа. Тоа е причината што изгореницата понекогаш избледува и се претвора во потемен тен – зголемената продукција на меланин ја потемнува кожата.

Тогаш, ДНК и епидермалните клетки кои се оштетени започнуваат процес на апоптоза, т.е програмирана клеточна смрт.

Истражувањата покажале дека преголема изложеност на UV зрачење може да создаде проблеми во способноста на телото да го регулира овој процес и да испраќа погрешни сигнали во врска со тоа кои клетки да се уништат а кои да се поправат – што го зголемува ризикот од рак на кожа од оштетените клетки кои нема да бидат уништени.

4) Крвните садови носат здрава крв во оштетените области

Откако надворешниот слој на кожата ќе се оштети, крвните садови се шират за да се зголеми количината на здрава крв полна со кислород која помага во процесот на заздравување, поради која оштетените области поцрвенуваат.

5) Се активираат рецепторите за болка

По оштетувањето на надворешниот слој на кожата, се активираат рецепторите за болка што предизвикува чешање

6) Се создаваат пликови да се спречи посериозно оштетување

Доколку се работи за исклучително лоша изгореница, кожата развива пликови исполнети со течност кои најчесто се појавуваат 24 часа по нејзиното создавање и се знак оштетување на клетките во подлабоките слоеви на кожата. Овие пликови се полни со плазма формирана помеѓу слоевите на епидермисот и дермисот и функционираат како штит креиран од телото кој има задача да спречи екстерни иританти да влијаат врз заздравувањето на изгорената кожа.

За жал, овие пликови може да предизвикаат создавање на лузни како и развивање на инфекција, а доколку се масивни може да доведат до губење на течностите во телото и електролитен дисбаланс кој побарува болнички третман во оддел за изгореници.

За да се намали ризикот од создавање на инфекции, пликовите не треба да се допираат или дупчат.

7) Кожата се лупи за да ги замени оштетените клетки

Телото се обидува да ги замени областите покриени со оштетена кожа со нова, здрава кожа. Оштетувањето од сонцето го забрзува типичниот процес на регенерација и лупење на кожата кој трае 28 дена, што значи дека по создавањето на изгореница, горниот слој од кожата е потенок и послаб од вообичаено, што е причината за неговото лесно лупење.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 08.08.2022 11:18:12