Анчелоти: Реал направи голем чекор кон освојување на шампионската титула

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти по натпреварот од 32. коло на шампионатот на Шпанија против Севиља (3:2), рече дека неговите избраници извојуваа значајна победа.



„Кралскиот клуб“ се врати од 0:2, и со голот на Карим Бензема во 90+2. минута стигна до трите бода.

– Многу важна победа. Во вториот дел играчите го покажаа својот карактер. Овој тим е способен да прави посебни работи. Почетокот на натпреварот беше лош, но ја задржавме самодовербата. Судиите во некои моменти немаа изедначен критериум, па нас ни судеа прекршок, а за иста работа на спротивната страна, тоа не беше случај. Ја заслуживме оваа победа, иако сите чекаа Реал да се сопне. Сè уште е рано да се зборува за освојување на шампионатот, но направивме голем чекор кон оваа цел, изјави Анчелоти.

По 32 кола Реал собра 75 бодови и е убедлив лидер на табелата во Ла Лига. По Реал следуваат Барселона (два натпревара помалку), Севилја и Атлетико Мадрид со по 60 бода.

Извор:  МИА
Објавена на 18.04.2022 09:58:03