Чави: Игравме на неутрален терен, а не на „Камп Ноу“

Тренерот на Барселона, Чави, како и домашните навивачи останаа згрозени од фактот дека околу 30.000 поддржувачи на Ајнтрахт Франкфурт се најдоа на трибините на „Камп Ноу“, давајќи му силна поддршка на германскиот тим, кој со вчерашниот триумф од 3-2 го елиминираше шпанскиот гигант и обезбеди пласман во полуфиналето на Лига Европа.



Со тоа, каталонскиот тим, кој по елиминацијата од Лигата на шампиони најави поход на трофејот во Лига Европа, не успеа да се пласира ниту меѓу полуфиналистите во второто по ранг европско клупско натпреварување.

Иако според правилата шпанскиот организатор на реваншот во Барселона требаше да им овозможи на гостите 5.000 влезници, на трибините на „Камп Ноу“ влегоа шест пати повеќе навивачи на Ајнтрахт.

– Неверојатно е тоа што моите играчи и јас го видовме кога излеговме на теренот. Навивачи на Ајнтрахт имаше речиси во подеднаков број колку и наши. Тоа не смее да пројде само така, клубот мора да истражи како се случи такво нешто. Пред реваншот говорев дека нашите навивачи ќе бидат клучни на патот до полуфиналето, а потоа се случи играње на неутрален терен. Капацитетот на стадионот како да беше рамномерно поделен. Жалам поради тоа, всушност сум шокиран, изјави Чави.

Извор:  МИА
Објавена на 15.04.2022 12:58:38