Половина од светското население страда од хронични главоболки

Кај некои луѓе, главоболката исчезнува само со земање апче. Но, многумина се погодени од понапорни, посилни и потрајни главоболки. Ново истражување го проценува степенот на овие нарушувања ширум светот, па „Science Alert” ги пренесува бројките.



Тим епидемиолози од Норвешкиот универзитет за наука и технологија и други научни установи сумираше повеќе епидемиолошки трудови за главоболки од 1961-ва до 2020-та година. Предметните 357 научни публикации се главно од земји со високи приходи. Тука има не само клинички испитувања, туку и поширок опсег групи на испитување – вработени во компании, студенти, болнички персонал. Сѐ тоа открива дека 52 отсто од луѓето страдаат од некој вид главоболка во текот на година.

-А на дневна основа, 15,8 отсто од светското население има главоболка, се истакнува во анализата.

Истражувачите откриле и дека сите видови главоболки се почести кај жените отколку кај мажите, а најголемата разлика е кај мигрената (17 насто кај жените и 8,6 насто кај мажите).

-Очигледното зголемување на преваленцата на мигрена со тек на времето може да биде поврзано со промени во животната средина – физичките, психолошките или промените на однесувањето, но поверојатно е дека е поврзано со развојот на методологијата со текот на годините, што доведува до подобар пристап, техники и подобрени дијагностички алатки во оваа област, се вели во анализата.

Авторите откриле и дека преваленцата на нарушувања со главоболка останува висока ширум светот и сериозноста на различните видови може да влијае на многу луѓе. Неврологот Ларс Јакоб Стовнер од Норвешкиот универзитет, смета дека тоа може да се намали преку превенција и подобар третман.

Извор:  МИА
Објавена на 12.04.2022 14:08:29