Омнибус

„Сам си го барал“ - силна порака на Види Вака за апсурдноста на обвинувањето на жртвите на сексуално насилство

Краткиот филм „Сам си го барал“ во продукција на Види Вака, кој својата премиера ја имаше на социјалните мрежи е силна порака за опасноста од оправдување на насилството, која укажува на двојното виктимизирање на жртвата преку барање причини за самото насилство, кои не ја земаат во прв план злонамерноста на насилникот.



Во видеото е прикажана апсурдната ситуација во која се наоѓа маж, жртва на насилство - во случајот разбојништво, соочен со типичните прашања и обвинувања со кои најчесто се соочуваат жените жртви на сексуално насилство, но и останатите жртви на другите типови на насилство.

-Пораката што сакаме да ја испратиме е дека секој што ја обвинува жртвата и го релативизира насилството се става на страна на насилникот и помага насилството да остане непријавено од жртвата, неосудено од општеството и непроцесирано пред законот. На тој начин се гради култура на прифатливост и несанкционирање на насилството што ги мотивира насилниците да продолжат со насилство, но и оние со насилни намери и пориви да тргнат по нивниот пат, изјави Мите Кузевски, Извршен директор на Види Вака.

Јасно е. #СамСиГоБарал

Јасно е. #СамСиГоБарал ✘ Јасно е. Со обвинувањето на жртвата се ставаме на страната на насилникот и придонесуваме насилството да остане неосудено од општеството, непријавено од жртвата и непроцесуирано пред законот ✅

Posted by Види Вака on Friday, March 18, 2022

Инаку, видеото е комплетно самостојна продукција на Види Вака Раскажувачкото Студио, гранка на Види Вака која се занимава со иновативни раскажувачки проекти како едукација низ забава, интерактивни игриви видеа, просторно раскажување низ виртуелна реалност и слично.

 Изработено е со добиена дозвола за прикажување од страна на јавниот радиодифузер BBC, како адаптација на оригиналниот скеч “What were you wearing” од Tracey Ullman Show.

Во видеото глумат истакнатите актери Сашко Коцев, Драгана Костадиновска и Слаѓана Вујошевиќ, режијата му ја доверивме на перспективниот млад режисер Ханис Багашов, а директор на фотографија е етаблираниот Феjми Даут, кинематографот на Медена Земја.

Од Види Вака Раскажувачкото студио најавуваат дека ќе продолжат да инвестираат во концептот на едукација низ забава, како еден од најефикасните методи на правење позитивни промени во општеството и дека наскоро можеме да очекуваме прераснување на концептот започнат со ова видео во цел серијал кој ќе опфаќа различни теми.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 22.03.2022 12:25:25