Футурама

Претставена еколошката летачка електро-јахта „The Jet“

Францускиот визионер Ален Тебо ја замисли и осмисли „првата летачка јахта во светот која работи нa водороден погон“, што според наводите, ќе стане реалност веќе во 2023 година.



Зад проектот стои швајцарската нова фирма „Jet ZeroEmission”, што соработуваше со партнерите „Зенит марин“ и „ДВИН“, со цел – нов брод што не испушта штетни материи. „Летечката јахта“ ќе биде претставена следната година во Дубаи, а нејзиниот прв лет се очекува за време на Климатската конференција КОП-28 во ноември 2023 во Обединетите Арапски Емирати.

Неконвенционалната еколошка електро-јахта „The Jet“ ќе има речиси футуристички изглед, а водородни горивни ќелии ќе ги напојуваат електричните мотори на јахтата. Овие ќелии ќе генерираат електрична енергија со мешање на водород и кислород. Пловилото ќе биде долго 10 метри и ќе има простор за 13 луѓе, вклучувајќи го и капетанот. Она што ја издвојува оваа јахта од другите суперјахти е тоа што ќе може „да лета и плови“ над површината на водата.



Пловилото ќе биде опремено со автоматски софтвер што овозможува лесна контрола на брзината и над морето. Швајцарската компанија тврди дека тоа ќе може да достигне брзина од 74 км/ч.

Извор:  МИА
Објавена на 08.02.2022 17:15:56