Омнибус

Тинејџер бара од Маск 50.000 долари за затворање на профилот што го следи движењето на неговиот авион

Џек Свини, тинејџер од Флорида (САД) го привлече вниманието откако „Протокол“ објави приказна за еден од неговите профили на Твитер.



Студентот одржува профил со назив „ElonJet“ на кој објавува информации за движењето на приватниот авион на американскиот бизнисмен Илон Маск. Џек (19) има уште неколку профили – за летовите на приватни авиони на Бил Гејтс, Џеф Безос и други познати личности. Сепак, убедливо најпопуларен профил е „Илонџет“, што го следат над 200.000 луѓе, а тоа го привлече вниманието и на самиот Елон Маск.

„Илонџет“ користи тн. „бот“ развиен од Свини за следење на летовите. Потоа каналот на Твитер објавува информации за тоа кога и каде полетал и слетал авионот, како и времетраењето на секое патување.

Маск лани во ноември го контактирал Свини и го прашал дали може да го затвори профилот, оти тоа претставува безбедносна опасност и му понудил 5.000 долари. Свини, сепак, побарал 50.000 долари. Тоа, според неговиот одговор, ќе било „од голема помош во финансирањето“ на колеџот, а можеби и во купувањето на „Модел 3“ – електричен автомобил од „Тесла Моторс“ на Маск.

Маск му рекол дека ќе размисли и во преписката следи пауза. Си-Ен-Ен пренесува дел од пораките. Свини, инаку, вели дека ги обожава Маск и „Спејс-икс“.

-Направив многу за профилот, 5.000 долари не се доволни, вели Свини во една порака.

Последната размена на пораки се случила во средата, на 19 јануари, кога Маск му рекол дека не чувствува дека е правилно „да се плати за да се затвори ова“.

Свини (19), сепак, му понудил на Маск и некои технички совети, за блокирачки програми што можат да им се спротивстават на програмите за следење летови.

Извор:  МИА
Објавена на 31.01.2022 12:11:11