Лавров: Русија нема намера да ја нападне Украина

Русија никогаш не му се заканувала на украинскиот народ, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по средбата со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Женева.



-Русија никогаш не и се заканувала на Украина преку свои официјални претставници, рече тој. „Русија нема намера да ја нападне Украина“, додаде шефот на руската дипломатија.

Лавров, исто така, кажа и дека се надева дека „емоциите ќе стивнат“ по „искрените“ разговори со САД.

-Русија не исклучува дека целата хистерија што Западот ја крева околу Украина има за цел да ја прикрие политиката на Киев за саботирање на Минск-2“, рече Лавров.

„НАТО работи против Русија, па Москва се противи на проширување на блокот кон Исток“, кажа тој.

Шефот на руската дипломатија го повика Блинкен да го искористи своето влијание за да го „вразуми Киев“.

-Русија смета дека прашањето за Украина бара големо внимание, но тоа не може да се сведе на целата тема на европската безбедносна архитектура, рече Лавров.

Путин е секогаш подготвен за средби со Бајден, но тие средби мора да бидат добро подготвени, додаде првиот руски дипломат. Разговорот со американскиот државен секретар, според него, бил „корисен и искрен“.

Извор:  МИА
Објавена на 21.01.2022 14:28:47