Спасовски: Да празнуваме одговорно, пиротехниката да им ја оставиме на професионалците

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на сите граѓани им посака среќна и бериќетна Нова година.

За претстојните празници, потсетува Спасовски, дека треба да празнуваме одговорно, да се погрижиме да го сочуваме сопственото и здравјето на најблиските.

– Да не возиме ако консумираме алкохол или да не пиеме ако мора да управуваме возило. Да не го објавуваме нашето отсуство од домот, правејќи го така попривлечно за крадците и разбојниците, а сомнителните појави да ги пријавиме во најблиската полициска станица. Пиротехниката да им ја оставиме на професионалците, оти далеку поубаво место за прослава е кругот на најблиските одошто ургентните центри. Иако за полицијата нема празник и таа ќе биде присутна на терен, да се воздржиме од инциденти, бидејќи тие само ја уништуваат празничната атмосфера, вели во новогодишното обраќање Спасовски.

Зад нас е уште една турбулентна година, првенствено предизвикана од продолженото дејство на коронавирусот кој, за жал, сѐ уште не го прогласи својот завршеток, подвлекува министерот, притоа наведувајќи дека ова беше и година кога го положивме демократскиот испит за зрелоста со успешно организираните Локални избори 2021, поставувајќи ја нашата држава на едно ново, повисоко ниво.

– И политичката сцена имаше своја посебна динамика, која навестува преобразби во годината што следи, како на национален, така и на меѓународен план, очекувања за зајакнати дијалози и желби за посилно темпо на реформи, стои во обраќањето на Спасовски.

Од аспект на Министерството за внатрешни работи, истакнува Спасовски, имавме генерално стабилна безбедносна состојба во текот на целата 2021 година, со тенденција на намалување на инкриминациите во споредба со истиот период од минатата година и вкупна ефикасност од околу 61 процент.

Потсетува дека се сузбиени седум организирани криминални групи, со пресечени 16 меѓународни транспорти на марихуана и хашиш, со резултати во заплената на наркотична дрога во вкупна проценета вредност од 15 милиони евра. Говори и за заплената на 1.555.600 таблети псеудоефедрин во вкупна количина од 1 тон и 15 килограми, од кој употребен како прекурсор би се произвеле околу 700 килограми синтетичка дрога, метамфетамин, кој на црниот европски пазар за споменатата количина може да достигне вредност од 10 милиони евра. Се осврнува и на зголемувањето за 23,4 проценти и на откриените кривични дела од областа на недозволена трговија со оружје и повеќекратно зголемување на заплените на оружје, муниција и пиротехнички средства; со зголемување на откривачката дејност за 58,3 проценти во делот на корупцијата за разлика од претходната година; со тенденција на намалување на бројот на жртвите во сообраќајните несреќи.

Министерот Спасовски меѓу другото говори и за материјално – техничкото унапредување што го одбележаа повеќе комплети униформи за специјалните единици, униформи и чевли за униформираната полиција, Одделот за заштита на определени личности и објекти во рамки на БЈБ, Хеликоптерската единица, а целосно нова униформа е обезбедена и за младите полицајци и приправници.

– Покрај ова, ги исплативме трите заостанати бонус плати за прекувремено изработени часови, а инвестиравме во 69 сега веќе целосно реконструирани објекти на министерството, во кои се имплементирани мерки за енергетска ефикасност, со што се создадоа не само квалитетни услови за работа на полициските службеници, туку и трансформација на објектите на енергетски план, поголеми заштеди и заштита на животната средина, вели во новогодишното обраќање Спасовски.

Новата година, нагласува министерот Спасовски, ќе ја започнеме со 70-иот реконструиран објект и уште неколку во фаза на реализација, како што е Центарот за обука Идризово, Одделот за граѓански работи во МРТВ и изградбата на Полициската станица Аеродром. Во 2022 година, подвлекува, ќе биде готов и новиот објект на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, опремен согласно сите најнови европски полициски стандарди во доменот на крим-техниката, со што ќе ја исполниме целта да прерасне во Национален форензички центар, а летало на нашиот Оддел за воздухопловни единици на МВР ќе го опремиме со најмодерна опрема за комуникација и опрема за гасење пожари.

– Годината што е пред нас ќе ја продолжиме со зголемени плати за 5 проценти на полицијата и обезбедени средства за бонус плата за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2021 година. И така сѐ до целосно сообразување со стандардите и нормите на современите и квалитетни европски и светски полициски практики. Бидејќи само така можеме да претендираме на уште подобри резултати во работењето на сите организациони единици на министерството, а во интерес на сите граѓани на нашата држава, вели во новогодишното обраќање министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.





Извор:  МИА
Објавена на 30.12.2021 10:51:36