Футурама

Би го носеле ли својот Ковид сертификат во микрочип вграден под вашата кожа?

Стартапот „Epicenter“ со седиште во Стокхолм, понуди нов начин за носење на Ковид сертификатите добиени по вакцинација - во микрочип вграден под вашата кожа.



Имплантот може да се чита од кој било уред со помош на NFC- технологија која што се користи кај бесконтактните плаќања и системите за влез без клуч.

-Имплантите се многу разновидна технологија која може да се користи за многу различни работи, а во моментов е многу погодно да имате секогаш достапен COVID пасош на вашиот имплант, вели Ханес Сјоблад, главен директор за дистрибуција на „Epicenter“.

Поради Ковид пандемијата, многу ресторани, барови, музеи и други најразлични институции низ светот бараат посетителите да го покажат својот Ковид сертификат за да можат да влезат во затворена просторија. Од компанијата велат дека токму затоа дошле до идеја за овој микрочип, кој има за цел да го олесни презентирањето на овие информации што е можно повеќе.

Микрочипот се поставува директно под кожата, во раката или помеѓу палецот и показалецот.

Сепак, истиот не е нова иновација, бидејќи компанијата со години користи сличен чип кај своите вработени. Во 2015-та година, компанијата објави дека го вградила микрочипови на повеќе од 100 вработени, што им овозможува да ги отвораат вратите, да работат со принтери или да купуваат смути со мавтање на раката.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 21.12.2021 17:34:38