Кевин Спејси треба да плати 31 милион долари поради своето недолично однесување

Кевин Спејси ќе треба да плати речиси 31 милион долари на сметка на продуцентската куќа „Media Rights Capital” и серијата „Куќа од карти“ на Нетфликс, во која тој глумеше пет сезони додека не беше отпуштен во 2017 година.



MRC вчера побара Врховниот суд на Округот Лос Анџелес „да ја потврди казната во своја полза и да донесе пресуда против Спејси“ и неговите доверители и соработници. Актерот и MRC со години се гледаат на суд откако тој беше отпуштен од продукцијата поради наводите за недолично однесување на и надвор од снимањата.

Во својот поднесок за отштетата, MRC наведува дека во октомври 2020 година, судските власти одлучиле дека Спејси „постојано ги прекршувал своите договорни обврски“ додека го глумел Френк Андервуд во серијата и дека „неговото однесување го направило (него и субјектите поврзани со него) одговорни“ за милионски загуби за MRC.

Инаку, компанијата го суспендира Спејси по извештајот на CNN од 2017 година, кога неколку сегашни и поранешни членови на продукцискиот персонал на „Куќа од карти“ пројавија наводи за сексуално вознемирување.

-Безбедноста на нашите вработени, на сцената и во работните средини е од огромно значење за MRC и затоа решивме да се залагаме за одговорност, соопшти продуцентската куќа.

Откако Спејси беше исфрлен, според наводите, MRC „морала да ја преработи целата последна шеста сезона за да го изостави ликот на Спејси и да ја скрати од 13 на осум епизоди“, за да се запазат роковите за испорака. Како резултат на тоа, MRC претрпела парични загуби.

Извор:  МИА
Објавена на 23.11.2021 10:47:31