Промовирана првата домашна стриминг платформа за филмска и детска програма GLEY

На македонскиот пазар од денеска е достапна GLEY – првата национална стриминг платформа, која нуди атрактивна и внимателно селектирана локална, нова регионална и интернационална филмска и детска програма, комплетно обработена на македонски и албански јазик.



Дел од богатата филмска програма на оваа платформа се сериите „Фамилија Марковски“, „На терапија“, „Преспав“, „Беса“, хрватската серија „Црни бјели свет“, крими серијата „Тајкун“, „Клан“, филмовите „Трето полувреме“, „Џган“…

Претплатата не е обврзувачка, нема подолгорочни договори, туку месечно и корисниците ќе можат да ја откажат платформата кога сакаат. За корисниците кои ќе се регистрираат до 31 ноември, промотивно им се нуди 30 дневен пробен период кој не се наплаќа.

Дарко Перушевски, извршен директор на Свод Мастер ДОО и основач на платформата истакна дека со GLEY нашата држава го фаќа светскиот тренд на развој на глобални, регионални и локални стриминг платформи. Тој посочи дека GLEY не е обична видеотека, туку има поширока мисија – поддршка на македонската продукција.

– Целата програма е локализирана комплетно на македонски и албански јазик. До програмите ќе се пристапува лесно, примарно преку смарт телевизор LG, Samsung и андроид ТВ, на мобилните уреди, на лаптопи и таблети. Оваа платформа може да се гледа со три нивоа на месечна претплата: Basic претплата од 299 денари месечно и ќе може да биде приклучен еден уред, Standard од 399 денари со два приклучени уреди истовремено и Family по цена од 499 денари со четири приклучени уреди истовремено, рече тој.

Перушевски истакна дека гледачот на оваа платформа сам си бира од програмата што, кога, колку и каде ќе гледа – во дневна соба на телевизор, на мобилен уред, лаптоп итн. Тој информира дека во моментот кон платформата можат да пристапуваат и граѓани надвор од државата, но понудата за гледање за нив е многу мала. Сепак наскоро се очекува нејзино збогатување и поголема понуда за иселениците во дијаспората

Извор:  МИА
Објавена на 03.11.2021 16:04:21