Футурама

НАСА: „Луси“ има проблеми

Американската вселенска агенција НАСА лансираше ново летало викендов. Роботското вселенско летало наречено „Луси“ беше испратено во вселената за да ги истражи астероидите околу Јупитер, но беа откриени проблеми со еден од двата главни сончеви панели, кои се клучни за собирање сончева светлина и генерирање енергија за 12-годишното патување низ Сончевиот Систем.



„Луси“ полета во саботата, 16 октомври, а до астероидите треба да стигне до 2027 година. Но, еден од панелите не се расклопи целосно. Што значи ова за иднината на мисијата сѐ уште не е позната, но НАСА соопшти дека тимот работи на анализа на проблемот и одлучување за следните чекори. Во меѓувреме, двата соларни панели генерираат енергија и ја полнат батеријата, така што проблемот се чини дека за сега нема негативно влијание.

-Сите други системи функционираат нормално. На сегашната височина, вселенското летало ,,Луси” може да продолжи да работи без опасност по безбедноста”, се вели во пораката на НАСА.

Сепак, неправилно расклопен сончев панел може да направи проблем кога „Луси“ ќе биде подалеку во Сончевиот Систем. Леталото трипати ќе орбитира околу Земјата за да ја искористи нејзината гравитација. Треба да посети седум астероиди, како и еден во главниот појас. Леталото има долг пат и собирањето сончева енергија е клучно.

Извор:  МИА
Објавена на 19.10.2021 14:30:31