МЗ: Речиси 47 отсто од населението над 18 години е вакцинирано со прва доза вакцина

Вакцинацијата се одвива со добро темпо на територијата на целата држава. Заклучно со 26 септември, со една доза вакцина против Ковид-19 вакцинирани се 46,9 отсто од населението над 18 годишна возраст. Кај лицата над 40 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 55 отсто, кај лицата помеѓу 18 до 39 години опфатот со една доза на вакцина изнесува 31 отсто, соопшти Министерството за здравство.



Според последните податоци, како што се посочува, најмногу со прва доза вакцинирани граѓани има во градовите Охрид (63,9 отсто), Кавадарци (64,3 отсто), Гевгелија (61,4 отсто) и Неготино (65,1 отсто). Помеѓу 50 до 60 отсто опфат на вакцинирано население со прва доза има во градовите Битола, Демир Хисар, Ресен, Велес, Берово, Пехчево, Прилеп, Крушево, Валандово, Штип и Пробиштип. Помеѓу 40 до 50 отсто опфат на вакцининирани граѓани има во градовите Кичево, Свети Николе, Кочани, Делчево, Крива Паланка, Струга, Македонски Брод, Скопје и Тетово. Помеѓу 30 до 40 отсто, односно најмалку вакцинирани во моментов има во Виница, Куманово, Кратово, Дебар, Струмица, Гостивар и Радовиш.

Во тек е вакцинација во постоечките вакцинални пунктови во државата, каде граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин. Вакцини има доволно и истите се достапни за сите што сакаат да се вакцинираат. Со извршена комплетна вакцинација се заштитувате себеси и своите најблиски од компликации на болеста предизвикана од вирусот Ковид-19. Вакцините штитат од смртен исход и спречуваат натамошно ширење на вирусот, информираат од Министерството и апелираат сите кои досега не се вакцинирале, да го направат тоа во најскоро време во еден од најблиските пунктови до местото на живеење.

Извор:  МИА
Објавена на 28.09.2021 11:28:16