Џони Деп ја осуди „културата на исклучување“ во Холивуд

Џони Деп ја осуди тн. „култура на исклучување“ или – „отфрлање“ во САД, којашто ја спореди со загадениот воздух. Тој рече и дека стравува дека „никој не е безбеден“, а поединци, преку недокажани обвинувања се осудени за сексуална злоупотреба и разни други облици на насилство.



„Kултура на исклучување“ e стремеж кон повлекување ликови, бојкот на актери, филмски содржини, исфрлање на контроверзни шеги, говор или однесување кое може да биде навредливо за некого, или е критикувано како политички некоректен однос. За противниците на „културата на исклучување“, тоа е недозволива цензура на слободата на изразување во филмот, музиката и уметноста.

Деп беше „отфрлен“ од многу медиуми, а „Ворнер Брос“ побара од него да се повлече од филмот „Фантастични ѕверки 3“, откако лани ја загуби тужбата за клевета против весникот „Сан“, којшто го опиша како „маж кој тепа жени“ по јавниот спор меѓу Деп и неговата поранешна сопруга Амбер Хард.

Деп се појави на филмскиот фестивал во Сан Себастијан во Шпанија во средата, каде што требаше да ја прими почесната награда „Доностија“. Според „Дедлајн“, актерот рекол дека јавното мислење се свртело против него додека судењето траело.

– Ова може да се разгледува како настан во историјата кој трае невидено долго… Оваа култура на отфрлање, тие брзи осуди неосновани на ништо. Всушност, тоа е како загадениот воздух!, рече Деп.

– Тоа сега е надвор од контрола и можам да Ве предупредам дека никој не е безбеден. Никој од вас. Никој не е безбеден. Потребна е една реченица и немате веќе тло под нозете, тепихот е извлечен… За жал, во одреден миг, луѓето мислат дека тоа е нормално. Но, не е!

Деп ја повика јавноста да застане против културата на исклучување, бидејќи „некој што го сакаш“ може да се соочи со „ова лудило“. Тој уште еднаш им се заблагодари на организаторите на фестивалот за континуираната поддршка.

Деп поднесе уште една тужба против поранешната сопруга Хард. Првото сослушување ќе се одржи следната година во Вирџинија. Тој ја тужи глумицата за објава во „Вашингтон пост“ од 2018 година, каде што таа вели: „Станав јавна личност што го претставува семејното насилство и го почувствував целиот гнев на нашата култура кон жените што ќе проговорат“.

Извор:  МИА
Објавена на 27.09.2021 10:29:50