Вујовиќ: Атмосферата на трибините не носеше до триумфот

Тренерот на Вардар, Веселин Вујовиќ изрази задоволство од првата победа оваа сезона во ракометната Лига на шампиони остварена синоќа во Скопје против Мешков Брест (35:27). Тој се заблагодари на навивачите на „црвено-црните“ за големата поддршка.

– Пред натпреварот се малку се плашев, бидејќи Мешков Брест е квалитетна екипа. Ние на мечот влеговме многу мотивирани и со неколку добри одбрани на Томовски. Атмосферата на трибините не носеше. Нивните голмани имаа лош ден. Дополнителен нивни проблем се големиот број повредени па ние на крајот ја искористивме ваквата ситуација и на крајот победивме, изјави Вујовиќ на прес-конференцијата по натпреварот.

Голманот Мартин Томовски очекува Вардар да биде се подобар како што ќе изминуваат натпреварите.

– Одлично го отворивме натпреварот и создадовме убава разлика која ја контролиравме до крајот. Имавме и падови во играта. Сепак ние сме нова екипа и се уште се пронаоѓаме себе си. Верувам дека во иднина ќе бидеме се подобри. Благодарност до публиката која ни даваше ветар во грбот, истакна Томовски.

По две кола во А-групата од Лигата на шампионите, Вардар е на 4.место со три бода, додека белорускиот тим е претпоследен (7. место) без освоен бод.

Извор:  МИА
Објавена на 23.09.2021 09:49:50