Ќе се снима втор дел на „Близнаци” со Шварценегер и Де Вито

Поминаа над 33 години откако во кината се појави комедијата „Близнаци“ со Арнолд Шварценегер и Дени де Вито, конечно ќе се снима и продолжението „Тројка“, со нов член во составот – Афроамериканецот Трејси Морган. Тој ќе го игра долго загубениот трет брат на Џулијан (Шварценегер) и Винсент (Де Вито), а режисерот на „Близнаци“, Ајван Рајтман повторно ја презема палката.



Снимањето треба да почне во јануари во Бостон. Оригиналната класика од 1988 година го следеше животот на ликот на Шварценегер, физички „совршен“, но „социјално наивен“ човек кој го наоѓа својот одамна изгубен брат близнак (Де Вито).

„Близнаци“ е петтиот најпрофитабилен филм од 1988 година. Комедијата заработи 111,9 милиони долари во САД и 216,6 милиони долари низ целиот свет.

За „Тројка“ (Triplets), се зборува веќе неколку години, а првично, Еди Марфи требаше да биде „третиот брат”.

Извор:  МИА
Објавена на 17.09.2021 13:15:21