Футурама

„SpaceX“ успешно ги лансираше своите први вселенски туристи

„SpaceX“ на Илон Маск успешно ги лансираше првите четворица вселенски туристи – највисоко во Земјината Орбита. Тие три дена ќе престојуваат во Вселената.



Според западни медиуми, овојпат „SpaceX“ цели на околу 575 километри над Земјата, повисоко и од Меѓународната вселенска станица (МВС)

Летот е изнајмен од американскиот милијардер Џеред Ајзекмен – 38-годишниот основач и извршен директор на „Shift4 Payments“ и искусен пилот. Со него се и Наставничката Сијан Проктор (51), Хејли Арсено (29-годишна жена излечена од рак) и инженерот Крис Семброски (42). Точната сума за летот, не е објавена, но се претпоставува дека станува збор за десетици милиони долари.

Ракетата „Falcon 9“ со вселенска капсула „Crew Dragon“ полета од американскиот космодром Кејп Канаверал при Вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида.

„SpaceX“ досега повеќепати превезува астронаути на МВС за американската вселенска агенција – НАСА. Ова е прв лет на „SpaceX“ со цивили. Компанијата на Илон Маск со ова влегува во борбата за својот „дел од колачот“ наречен „вселенски туризам“.

Извор:  МИА
Објавена на 16.09.2021 11:24:37