Омнибус

Уникатен накит од Марија-Антоанета ставен на аукција

Дијамантски нараквици коишто ѝ припаѓале на кралицата Марија-Антоанета ќе бидат понудени на аукција во Женева. Како што соопшти аукциската куќа „Christie's“, двете нараквици, секоја со по 112 дијаманти, ќе бидат понудени заедно, а првично се проценува дека цената која треба да ја плати нивниот нов сопственик ќе биде од два до четири милиони долари.



– Оваа проценка ја вклучува не само исклучителната вредност на дијамантите, туку и можноста да се посeдува накит кој некогаш го носела познатата кралица Марија-Антоанета, изјави експертот за накит на „ Christie's” Сесил Кизамоло.

Во 2018 година, природен бисер и дијамантски медалјон, кој ѝ припаѓале на оваа кралица со несреќна судбина, беше проценет на еден-два милиони долари, но по наддавањето беа платени 36 милиони. Аукциската куќа проценува дека дијамантите на нараквиците се вредни вкупно меѓу 140 и 150 карати. Друга единствена карактеристика на овие две парчиња накит е тоа што можат да се поврзат и да се носат како ѓердан.

Кралицата ги нарачала нараквиците од златарот Чарлс Огист Бомер од Париз, во 1776 година, две години откако седнала на престолот. За нив платила 250.000 фунти, што е огромна сума за нејзиното време. Интересно е и тоа што пред да се обиде да избега од Франција со кралот Луј 16. и нивните деца, кралицата прво сакала да се увери дека нејзиниот накит е испратен на безбедно место надвор од земјата. Така, тој бил испратен во Брисел, каде што владеела нејзината сестра Марија-Кристина, пред да бидат испратени во татковината на кралицата – Австрија, со којашто владеел нејзиниот внук, императорот Франц Втори.

Марија Антоанета, последната кралица на Франција пред револуцијата, била обезглавена од револуционерите во Париз, октомври 1793 година, на 37-годишна возраст.

Извор:  МИА
Објавена на 09.09.2021 13:14:00