Истражување: Жените сакаат мажи кои „мрморат“

Истражување на американскиот Универзитет на Калифорнија покажа дека за жените, се чини, попривлечни се мажи со малку неразбирлив говор. Додека, пак, мажите претпочитаат жени со појасен гласовен израз.



– Од гледна точка на полова селекција, обично се претпочитаат мажи со особини кои се малку повеќе мажествени од просекот, што во овој контекст, ги прави мажите со помалку јасен говор – попривлечни, објасни д-р Даниел Штер, еден од авторите на истражувањето.

Испитувањата опфатиле 42 доброволци, од кои биле побарани различни задачи околу говорот. Нивните вокали потоа беа рангирани според атрактивноста. Резултатите откриле дека јасниот вокал се смета за многу попривлечен кај жените отколку кај мажите.

Д-р Штер верува дека наодите се спротивни со вообичаените уверувања.

– Многу „говорни вежби“ вообичаено би ги охрабриле луѓето да забават и внимателно да изговараат, за да остават подобар впечаток кај својата публика, вели тој.

Како би звучел тој говор? Нешто како зборувањето на Том Харди во серијата „Табу“. Многумина се жалеа на неговото мрморење, но судејќи по истражувањево, актерот само стекнал поголема привлечност.

Извор:  МИА
Објавена на 06.09.2021 14:11:14