Еден од работните записи на Алберт Ајнштајн за „Општата теорија на релативноста“, проценет на 2 до 3 милиони евра, ќе биде понуден на аукција, објави вчера аукциската куќа „Christie's “.
-Ова е, несомнено, највредниот ракопис на Ајнштајн, којшто некогаш бил понуден на аукција, се вели во соопштението.
Наддавањето ќе се одржи на 23 ноември. Станува збор за оригинален ракопис на 54 страници, составен во Цирих, Швајцарија, 1913 и 1914 година, од познатиот физичар и неговиот соработник Мишел Бесо. Благодарение на Бесо, ракописот е зачуван, бидејќи Ајнштајн кој го сметал за обичен работен ракопис, немал намера да му посветува внимание.
По основната „Теорија на релативноста“ од 1905 година (со формулата Е = mc2), Ајнштајн 1912 година започнал да работи на „Општа теорија на релативноста“. Ајнштајн и Бесо се справиле со проблеми што ја мачеле научната заедница со десетлетија – аномалии во орбитата на Меркур, на пр.
Друг добро познат документ од тој период, познат како „Бележникот од Цирих“, од крајот на 1912 и почетокот на 1913 година, денес е во архивата на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, Израел.