Бијонсе: Мојата помлада верзија не може да се спореди со сегашната Бијонсе

Поп-ѕвездата Бијонсе се појави на насловната страница на новиот број на списанието „Harper’s Bazaar“. Во интервјуто, таа, меѓу другото, зборуваше и за враќањето на сцената и за добротворната организација.



– Благодарна сум што можам да изберам што ќе работам. Сакам фокусот на мојата работа да биде на музиката, бидејќи мислам дека можам да инспирирам многу луѓе. Во студио сум веќе една и пол година, музиката е мојата страст и наскоро ќе објавам нови песни, рече таа.

Пејачката е позната и по тоа што се бори за правата на Афроамериканците. Се залага за нивно образование и преку хуманитарната организација „BeyGOOD“, обезбедува помош за оние кои ги загубиле своите домови во природни непогоди. Таа е исто така членка на ,,Parkwood Entertainment“, чија цел е да промовира нови генерации уметници.

– Го основав „BeyGOOD“ во 2013 година. Јас и моите соработници им помагаме на луѓето што останаа без ништо од ураганите, даваме стипендии за универзитети низ Соединетите Американски Држави и Африка, се бориме за женските права, поддржуваме мали бизниси и многу повеќе, вели Бијонсе.

Таа верува дека многу години работела на себе на секој начин и дека сега е во фаза кога веќе не мора да се натпреварува со себе.

– Нема потреба да се враќам назад во времето. Помладата верзија од мене не може да се спореди со сегашната Бијонсе!, нагласи таа.

Извор:  МИА
Објавена на 11.08.2021 13:46:23