Омнибус

Обама го намали бројот на гости за роденденската забава

Поранешниот американски претседател Барак Обама ги измени плановите за голема роденденска забава, поради порастот на луѓе заразени со корнавирус во земјата, објави Би-би-си.



Барак Обама вчера наполни 60 години и по тој повод, викендов планира голема прослава на островот Мартас Вајнјард во Масачусетс (САД). Сепак, многуте заразени со делта-сојот го натераа Обама да го намали бројот на гости.

Така, според наводите, само блиските пријатели и семејството ќе дојдат на прославата.

Неговиот портпарол рече дека настанот на отворено вo сабота бил планиран неколку месеци порано, според упатствата од службите за јавно здравје. Но, кога бројот заразени почна да расте, почнаа да се појавуваат и критики за плановите на Обама, па тој и неговата сопруга Мишел Обама сега одлучија да го намалат обемот на самиот настан.

Медиумите известуваат дека стотици луѓе биле поканети, меѓу кои и актерот Џорџ Клуни, режисерот Стивен Спилберг и водителката Опра Винфри.

Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) објави дека маските во затворени простории повторно треба да ги носат и вакцинираните и невакцинираните луѓе. Според наводите, претседателот Џо Бајден, кој беше потпретседател за време на мандатот на Обама, одлучил да не дојде на забавата.

Извор:  МИА
Објавена на 05.08.2021 10:19:37