Скарлет Јохансон го тужи „Дизни“ за стримот на „Црна вдовица“

Актерката Скарлет Јохансон поднесе тужба до Врховниот суд во Лос Анџелес против „Дизни“ за прекршување на договорот, откако компанијата го прикажа филмот „Црна вдовица“ на својата стрим-платформа „Дизни плус“ скоро во исто време кога започна да се прикажува во кината.



Во тужбата се наведува дека Јохансон се договорила со компанијата дека нејзиниот хонорар во голема мера ќе зависи од приходите што ги има филмот. Таа изјави дека компанијата „Марвел“, во сопственост на Дизни, ветила дека долгоочекуваниот суперхеројски филм ќе има кинопремиера, па ќе следи временска рамка пред тој да се емитува на стрим-платформата.

Според „Дизни“, нема причини за тужба, којашто ја оцени како „особено тажна и вознемирувачка поради занемарувањето на страшните и долготрајни ефекти на пандемијата на светско ниво“. Во соопштението се посочува и дека „Дизни“ целосно го почитува договорот со Скарлет Јохансон и дека „згора на тоа, објавувањето на ’Црна вдовица‘ на платформата ’Дизни плус‘ значително ќе ги подобри можностите актерката да заработи дополнителен надомест, по 20-те милиони долари што ги доби досега”.

Извор:  МИА
Објавена на 30.07.2021 12:22:04