Омнибус

Нетфликс ќе инвестира во видео игри

Стриминг платформата Нетфликс планира да инвестира повеќе во видео игри бидејќи очекува послаб раст на бројот на претплатници на услугата за стриминг поради конкуренцијата и укинувањето на пандемиските ограничувања.



Нетфликс бележи многу побавен раст во бројот на нови претплатници по врвот во 2020 година, што беше поттикнато од мерките за затворање и ограничувањата на движењето наметнати од владите за спречување пандемијата со Ковид-19.

Компанијата соопшти дека почна со проширување на својата понуда со видео игри, кои ќе им бидат достапни на претплатниците без дополнителни трошоци и првично ќе се фокусираат првенствено на игри за мобилните уреди.

– Оценуваме дека игрите се нова содржина, слична на нашето проширување со оригинални филмови, анимации и телевизиски емисии без сценарија, се наведува во соопштението на Нетфликс.

Компанијата соопшти и дека во вториот квартл од годината привлекла 1,54 милиони нови претплатници и сега има вкупно 209 милиони. Во истиот период минатата година, на почетокот на пандемијата, забележаа 10,1 милиони нови претплатници.

Во периодот од јули до септември, тие очекуваат нови 3,5 милиони претплатници. Приходите на Нетфликс се зголемија за 19 проценти во вториот квартал, на 7,3 милијарди долари. Нето добивката скоро двојно се зголеми на 1,35 милијарди долари.

Пандемијата оваа година негативно се одрази врз производството на ТВ продукцијата на Нетфликс, со што се стесни изборот на нови наслови. Компанијата најави подобрување во втората половина на годината.

Извор:  МИА
Објавена на 21.07.2021 16:02:49