Футурама

Џеф Безос успешно слета по 11-минутниот престој во Вселената

Милијардерот Џеф Безос успешно полета и престојуваше во Вселената, со својот прв лет преку компанијата „Blue Origin“. Враќањето на Земјата помина без никакви проблеми.



Летот до Вселената траеше 11 минути. Меѓу астронаутите беше и братот на Џеф, Марк Безос. Посадата ја сочинуваа и американската авијатичарска ветеранка Воли Фанк, која е во своето деветто десетлетие од животот, како и 18-годишниот Оливер Дајмен. „New Shepard“ беше лансиран во 15:00 часот по македонско време, од космодромот „Launch Site One“, во западен Тексас.



Пред само 10-нa дена, основачот на „Virgin Galactic“, Британецот Ричард Бренсон го имаше своето успешно „огнено крштевање“ во Вселената. Сепак, целите на „Blue Origin“ се поамбициозни – во однос на височината до која ќе се издигне леталото на Безос, но и во однос на идните планови.

Безос ја основа вселенската агенција во 2000 година, со цел еден ден да се изградат вселенски колонии со вештачка гравитација во коишто луѓе ќе работат и живеат. Компанијата денес работи и на орбиталната ракета „New Glen“ чија цел е слетување на Месечината.

Извор:  МИА
Објавена на 20.07.2021 15:56:54