Премиера на новата HBO серија „Белиот лотос“

Новата HBO серија „Белиот лотос“ (The White Lotus) ќе има премиера на 12. јули на HBO GO, а истиот ден првата епизода ќе биде емитувана и на HBO каналот во 20 часот.



Создадена од Мајк Вајт („Просветлени“ на HBO), шестделната мини серија „Белиот лотос“ претставува социјална сатира која се одвива во ексклузивен ресорт на Хаваи. Во серијата играат Мари Бартлет, Кони Бритон, Џенифер Кулиџ, Александра Дадарио, Фред Хелингер, Џејк Лејси, Британи О’Грејди, Наташа Ротвел, Сидни Свини и Стив Зен. Серијата ги следи одморите на различни хотелски гости во текот на една недела додека тие се одмораат и се подмладуваат во рајот. Но со секој поминат ден, мрачната комплексност се појавува врз сликата на совршени патници, весели вработени во хотелот и идилично место само по себе.

Како вработени во хотелот „Белиот лотос“ ќе ги видиме менаџерот Армонд (Мари Бартлет) чиј живот тргнува по надолна линија по една неочекувана траума, како и рационалната менаџерка на спа центарот во хотелот, Белинда (Наташа Ротвел) која ќе влезе во еден емотивен вртлог поради гостин кој има преголеми очекувања. Меѓу гостите се семејството Мосбахер кое го сочинуваат успешната директорка Никол (Кони Бритон) која членовите на семејството ги третира како вработени, нејзиниот сопруг Марк (Стив Зен) кој се соочува со здравствен проблем и комплекс на пониска вредност, нивниот син Квин (Фред Хелингер), гејмер кој за првпат ги открива убавините на природата, нивната ќерка Оливија (Сидни Свини) и нејзината пријателка Пола (Бритни О’Грејди), двете средношколки со остар јазик. Згодниот и повластен Шејн Патон (Џејк Лејси) престојува со својата сопруга Рејчел (Александра Дадарио). Шејн и Рејчел започнуваат да се запознаваат сè подобро и тоа почнува да предизвикува разни сомнежи. Во моментот кога неговата наметлива мајка Кити (Моли Шенон) ги посетува без најава, нивниот меден месец се претвора во пекол. Тука е и Тања Меквојд (Џенифер Кулиџ), богата и нестабилна жена која се опоравува по смртта на нејзината мајка и која доаѓа во хотелот барајќи љубов и масажа.

Во останатите улоги се појавуваат Џон Грис, Џолин Перди, Кекоа Кекумано и Лукас Гејџ. Автор, сценарист и режисер на серијата е Мајк Вајт, а во исто време е и извршен продуцент заедно со Дејвид Бернард и Ник Хол. Копродуцент е Марк Камин. Серијата е снимена на островот Мауи.

Извор:  МИА
Објавена на 07.07.2021 11:02:25