Прајс: САД поддржуваат отворање преговори за влез во ЕУ со С.Македонија и Албанија без одложување

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс, објави дека САД поддржуваат отворање преговори за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија, без одложување.



-Поддржуваме отворање преговори за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија без одложување. Се ангажираме на највисоки нивоа во Владата, за да ја демонстрираме нашата посветеност кон европскиот пат на земјите аспиранти, напиша Прајс на Твитер.

Американскиот претседател Џо Бајден, завчера издаде извршна наредба, со која се прошири опсегот на вонредни мерки за регионот на Западен Балкан, што опфаќа и замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор и нивното спроведување и ги поткопуваат мирот и регионалната соработка. Наредбата се однесува и на лица за кои, во консултација со Стејт департментот, ќе се утврди дека се „одговорни или соучесници, директно или индиректно вклучени во активности или политики што ги загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на која било област или држава на Западниот Балкан и ги поткопува демократските процеси и институции во регионот“.

Извор:  МИА
Објавена на 11.06.2021 11:51:59