Футурама

Телеком спроведе истражување за дигитална зрелост на малите и средни компании

За прв пат во Македонија, Македонски Телеком, во соработка со ИПСОС, иницираше истражување за дигиталната зрелост на малите и средни компании, коешто опфати репрезентативен примерок од 530 компании. Целта на истражувањето е да се види реалната слика, а податоците ќе се искористат да им се помогне на малите и средни бизниси успешно да се дигитализираат.



Анализата имаше за цел да испита колку македонските компании ги практикуваат дигиталните сегменти: онлајн комуникација, онлајн маркетинг, безбедносни услуги, доверливи услуги, користење на софтвер и серверски услуги и колку тие се свесни за нивната важност како услов за деловен развој. Еден од главните заклучоци од истражувањетое дека кај нас само 28% од компаниите имаат висок индекс на дигитализација.

Во земјава големите компании имаат многу повисок дигитален индекс (ниво на користење на дигитални услуги), што не е случај со малите и средни компании. Дури 37% од компаниите со 1-9 вработени не практикуваат дигитални алатки, 93% од нив не овозможуваат онлајн плаќања за своите корисници ниту пак користат онлајн заштита. Истражувањето покажа дека голем број компании од овој сегмент сѐ уште немаат своја веб-страница, профили на социјалните платформи, ниту пак се грижат за безбедноста на податоците.

Спротивно на нив, дигитално зрелите компании, благодарејќи на употребата на дигитални алатки, поуспешно се справиле со Ковид кризата и побрзо се вратиле во нормала, а имале и помал пад на приходите.

„Дигиталните алатки се неопходни за бизнисите, а нивниот трансформативен ефект најмногу дојде до израз во време на пандемијата на Ковид-19 којашто преку ноќ го смени начинот на кој се работи. Наша одговорност како лидер за дигитализација не е само да понудиме услуги, туку и да поттикнеме што е можно поголем опсег на дигитална трансформација. Оттаму и идејата да го спроведеме истражувањетои да им понудиме на малите и средни бизниси период на користење на нашите дигитални услуги без надомест, како и едукација преку вебинари и така сите заедно да работиме на дигиталната зрелост којашто е предуслов за успех на бизнисите денес“ – изјави Гоце Митевски, Главен комерцијален директор за деловни корисници.

Резултатите од истражувањето се презентираа на првиот вебинар од серијата вебинари – „Дигитализација, сега!“ за вистинските чекори за дигитална трансформација на малите и средни претпријатија. На малите и средни компании Македонски Телеком им нуди период на користење на дигиталните услуги без надомест со цел подобро да се запознаат со услугите, нивното едноставно функционирање и потенцијалот којшто тие го нудат за успешен бизнис.

Пријавете се за вебинарите на LinkedIn и откријте го потенцијалот на дигиталните алатки без надомест во промотивниот период.

Повеќе за истражувањето можете да најдете на следниот линк.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 04.06.2021 11:51:09