Футурама

Билетот за вселенското летало на Безос достигна 2,4 милиони долари

Приватната ракетна компанија на милијардерот Џеф Безос, „Blue Origin“ соопшти дека постојната највисока понуда за место во вселенското туристичко летало „New Shepard“ е 2,4 милиони долари, постигната во вториот круг од аукцијата.



Ракетата со капсула „New Shepard“ е дизајнирана за самоуправувачки превоз на шест патници на височина од над 100 километри над површината на Земјата. Компанијата соопшти дека примила повеќе од 5.200 понуди од 136 различни земји во првиот круг на наддавањето, чија најголема понуда не беше објавена, сѐ додека не заврши рундата.

Вториот круг започна со почетна понуда од 1,4 милиони долари, според податоците на интернет-страната на „Blue Origin“. Процесот ќе заврши со последната фаза, на 12 јуни, со интернет-аукција во живо.

Ракетната компанија го одбра 20 јули за првиот свој туристички суборбитален лет. Ова претставува нова ера на приватни комерцијални патувања во Вселената. Според првичните податоци, „Blue Origin“ планираше да наплаќа најмалку 200.000 американски долари за билет, што се засноваше на проценка на плановите на ривалскиот милијардер Ричард Бренсон и неговата компанија „Virgin“. Но, се чини, тоа се променило во меѓувреме.

Извор:  МИА
Објавена на 20.05.2021 13:11:56